Врз основа на Законот за енергетика член 116 став (3) точка 2 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101 од...

Претставници на МЕМО учествуваат на 5-тата Годишна Соларна Конференција во Скопје
23 септември 2026, Скопје – Претставници на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, учествуваат на 5-тата Годишна Соларна Конференција, која на 23 и 24 септември 2026 година се одржува во Скопје, во организација на Солар Македонија, Македонската асоцијација за соларна енергија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, официјално ја отвори конференцијата и зборуваше за клучните проекти на министерството кои се од стратешко значење за државата.
Во рамките на конференцијата, Митко Огненоски, менаџер на организиран пазар на електрична енергија во МЕМО ДООЕЛ Скопје, учествува како панелист на сесијата посветена на идниот развој на соларниот сектор и електроенергетскиот пазар во Македонија.
Во своето обраќање, Огненоски истакна дека македонскиот пазар на електрична енергија влегува во позрела фаза на развој, што се потврдува преку растот на ликвидноста, зголемената активност на пазарните учесници, транспарентното формирање на цените и развојот на нови пазарни сегменти.
„Денес имаме организиран пазар ден-однапред, на кој цените на електричната енергија се формираат транспарентно, а обемот на тргување и бројот на активни учесници постојано растат. Пазарот добива сè поголема улога во донесувањето деловни и инвестициски одлуки, што претставува јасен сигнал за неговиот раст“, истакна Огненоски.
Како показател за зголемената активност, тој посочи дека во јуни 2026 година на пазарот ден-однапред биле истргувани вкупно 137.172,4 MWh електрична енергија, по просечна цена од 93,74 €/MWh, или во просек 4.572,4 MWh дневно.
Организираниот пазар постепено добива и поголема длабочина преку развојот на дополнителни пазарни сегменти, кои на учесниците им овозможуваат поактивно управување со своите позиции поблиску до времето на испорака.
„Од перспектива на МЕМО, пазарот не е само место каде што се склучуваат трансакции. Тој станува сè поважен механизам за формирање референтна цена, управување со ризикот и носење деловни и инвестициски одлуки“, посочи Огненоски.
Осврнувајќи се на сигналите што пазарот им ги испраќа на инвеститорите во обновливи извори на енергија, тој нагласи дека вредноста на произведената електрична енергија сè повеќе зависи не само од количината, туку и од времето на производство.
„Пазарните сигнали стануваат сè попрецизни и им овозможуваат на инвеститорите подобро да ги структурираат своите инвестиции. Сè поважно станува да не се анализира само просечната цена, туку и нејзиниот часовен профил и реалната вредност на енергијата во часовите во кои се произведува“, посочи Огненоски.
Како илустрација, тој го посочи јуни 2026 година, кога во периодот од 09:00 до 20:00 часот биле истргувани 2.869,5 MWh електрична енергија по просечна цена од 60,1 €/MWh, значително пониска од просечната месечна цена од 93,74 €/MWh.
„Ова не треба да се гледа само како ценовна разлика, туку како јасен пазарен сигнал кој на инвеститорите им овозможува подобро да ги планираат своите инвестиции врз основа на реални пазарни податоци“, истакна Огненоски.
Според него, растот на соларните капацитети носи нова динамика на пазарот. Во часовите со високо соларно производство се зголемува понудата на електрична енергија, што создава конкурентен притисок врз цените, додека во периодите кога соларното производство опаѓа, ценовните сигнали можат да бидат значително различни.
Ова ја зголемува потребата од понапредно прогнозирање, складирање на енергија и активно управување со портфолиото, но истовремено отвора простор за нови деловни модели.
„Идните проекти ќе се развиваат како комбинација од производство, складирање на енергија, долгорочни договори, квалитетно прогнозирање и активно управување со портфолиото. Производителите стануваат активни учесници на пазарот кои управуваат со времето на продажба и со вредноста на енергијата што ја произведуваат“, истакна тој.
Во однос на влијанието на зголеменото учество на соларната енергија, Огненоски нагласи дека растот на соларните капацитети создава можности за развој на современи модели на тргување и поголема флексибилност на електроенергетскиот систем.
„Постепено преминуваме од моделот ‘произведи и продади’ кон моделот ‘прогнозирај – оптимизирај – складирај – тргувај’. Повеќе соларна енергија значи повеќе конкуренција, повеќе пазарни сигнали и поголеми можности за развој на нови деловни модели“, истакна Огненоски.
Од перспектива на МЕМО, следниот значаен чекор во развојот на домашниот пазар на електрична енергија ќе биде неговото поврзување и интегрирање со единствениот европски пазар, што ќе придонесе за поголема ефикасност, ликвидност и конкурентност на електроенергетскиот сектор.
МЕМО учествува на Меѓународната конференција „Енергетика 2026“ во организација на ЗЕМАК
24 септември 2026 ,Струга – Претставници на Националниот оператор на пазарот на електрична...
Претставници на МЕМО на 21. Форум на Енергетската заедница за природен гас во Виена
22 септември 2026 – Виена - Претставници на Националниот оператор на пазар наелектрична енергија –...
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, август 2026
Во август 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
Рекорден обем на тргување на Македонската берза на електрична енергија во август 2026 година
Македонската берза на електрична енергија забележа рекорден обем на тргување во август 2026...
МЕМО ДООЕЛ Скопје на состанок во Министерство за енергетика рударство и минерални суровини
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, учествуваше на состанок...
