Врз основа на Законот за енергетика член 116 став (3) точка 2 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101 од...

МЕМО на панел-дискусија на ФЕИТ: Ефектите од воведувањето на CBAM врз пазарот на електрична енергија
На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) се одржа панел-дискусија во организација на „Здружението на енергетичари – ЗЕМАК“ на тема „Искуства и предизвици од воведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглеродната граница – CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism)“, посветена на ефектите од неговото воведување од 1 јануари годинава.
На настанот учествуваа претставници од МЕПСО, МЕМО, МАКСТИЛ, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како и од Царинската управа.
Во рамки на панел-дискусијата, Ана Ангелова, експерт за пазарни операции во Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, одржа презентација за: „Искуства и предизвици од воведувањето на CBAM“. Таа се осврна на влијанието на овој механизам врз пазарот на електрична енергија во Северна Македонија и во регионот, како и на улогата на Гаранциите за потекло и нивниот потенцијал да придонесат кон ублажување на ефектите од механизмот.
Ангелова посочи дека пазарот на електрична енергија е еден од секторите каде ефектите од воведувањето на CBAM веќе почнуваат да се чувствуваат. Иако механизмот сè уште е во рана фаза, првичните показатели, како што истакна, покажуваат дека тој има потенцијал значително да влијае врз регионалните пазари на електрична енергија.
„Направивме анализа на постигнатите цени на пазарот ден-однапред во споредба со неколку пазари – Унгарија, Србија, Бугарија и Грција. Во февруари 2025 година цената на македонскиот пазар ден-однапред беше приближно на исто ниво со цените на анализираните пазари. Меѓутоа, во февруари 2026 година се забележуваат значителни ценовни разлики. Просечната цена во Македонија беше за 42,3 евра по мегават-час пониска од цената на унгарската берза HUPX. Просечната цена постигната на македонскиот пазар ден-однапред е најниска во споредба со просечните цени на анализираните европски пазари, а кривата на движење на цените во февруари 2026 година е најслична со цените постигнати на пазарот ден-однапред во Србија“, истакна Ангелова.
Таа додаде дека ваквата ценовна разлика создава дополнителен притисок врз маржите на компаниите кои инвестираат во обновливи извори на енергија и претставува јасен сигнал дека се потребни брзи и координирани мерки. Слични трендови, според неа, се забележуваат и во регионот – кај Србија и Црна Гора, додека Албанија е во нешто поповолна позиција благодарение на својот хидропотенцијал.

„Во моментов, производството на електрична енергија од обновливи извори не овозможува доволен извоз кон соседните земји членки на ЕУ, што ја прави оваа енергија помалку конкурентна во однос на електричната енергија произведена на европските пазари. Овој проблем може дополнително да се продлабочи во пролетните месеци, кога производството од обновливи извори, особено од сончева енергија, го достигнува својот пик, а конзумот се намалува. Во такви услови дел од произведената енергија не може целосно да се искористи, да се извезе надвор од државата или да се складира поради ограничените батериски капацитети“, посочи Ангелова.
Таа нагласи дека иако CBAM е дизајниран како механизам за заштита на европската индустрија и поттикнување на декарбонизацијата, неговите индиректни ефекти веќе се чувствуваат и во земјите членки на Европската Унија.
„Тие се манифестираат преку поголеми ценовни разлики меѓу пазарите, зголемени физички текови на електрична енергија меѓу електроенергетските системи на земјите членки на Европската Унија, како и намалена прекугранична трговија со електрична енергија меѓу ЕУ и земјите надвор од Унијата“, рече Ангелова.
Воедно, таа посочи дека Европската Унија веќе има подготвено амандмани за олеснување на овој механизам, кои се очекува да бидат усвоени до крајот на годината, со цел да се обезбеди поправеден премин за земјите кои се во процес на усогласување.

Ангелова нагласи и дека во моментов не постои јасен механизам преку кој може да се пресмета или примени CBAM за електрична енергија која е истргувана преку процесот на пазарно спојување (market coupling).
Во тој контекст, таа истакна дека МЕМО има иницијатива за спојување на македонскиот организиран пазар на електрична енергија со европскиот пазар, процес кој би придонел за поголема ликвидност на пазарот, приближување на цените во државата со цените во Европската Унија и зголемување на конкурентноста на електричната енергија произведена во Северна Македонија.
„Исто така, важна алтернатива за нашите компании е извозот преку PPA (Power Purchase Agreements) договорите, кои иако можеби недоречени во начинот на примена, претставуваат потенцијал што може да овозможи директен извоз на чиста енергија и се клучна алатка за одржување на конкурентноста“, додаде Ангелова.
Таа истакна и дека Гаранциите за потекло претставуваат важен инструмент за зголемување на вредноста на зелената електрична енергија.
„Во 2025 година МЕМО успешно воспостави систем за гаранции за потекло усогласен со европските стандарди и веќе е асоцијативна членка на AIB – Association of Issuing Bodies, што е важен чекор кон целосно признавање на македонските гаранции за потекло на европскиот пазар“, рече Ангелова и додаде дека паралелно се работи и на полноправно членство на МЕМО во AIB, како еден од чекорите за признавање на Гаранциите на потекло во земјите на ЕУ.
Иако Гаранциите за потекло сами по себе не обезбедуваат директно ослободување од CBAM, тие, во комбинација со процесите на пазарно спојување и новите пазарни механизми, можат значително да придонесат за подобра конкурентност на зелената електрична енергија од нашата земја.
Дополнително, како што беше посочено, МЕМО во мај годинава ќе го започне и новиот пазарен сегмент –воведување на Пазар во тековниот ден (Intraday Market), кој ќе придонесе за поефикасно управување со производството и потрошувачката на електрична енергија.
Работна средба со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница: Напредок во реформите и интеграција со европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со директорот...
ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, февруари 2026
Во февруари 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
Податоци за истргувана електрична енергија на Mакедонската берза –Февруари 2026
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
Регистарот на Гаранции за потекло на електрична енергија достапен и на македонски јазик
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје го направи Регистарот на...
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, јануари 2026
Во јануари 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
