Врз основа на Законот за енергетика член 116 став (3) точка 2 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101 од...

Од сертификат до пазарен производ: новата вредност на зелената енергија
Пишува: Денко Рафајловски, менаџер за обновливи извори на енергија
Национален оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје
Енергетската транзиција не се однесува само на изградба на нови соларни и ветерни електрани, туку подразбира и создавање механизми што ќе овозможат чистата енергија да добие јасна, препознатлива и реална економска вредност. Токму во тој контекст треба да се гледа и воведувањето на аукциите за Гаранции за потекло на електрична енергија.
Со воспоставувањето на Регистарот во 2025 година, Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, создаде основа за издавање, пренос, активирање и управување со Гаранциите за потекло.
Полноправното членство на МЕМО во Асоцијацијата на издавачки тела – AIB е уште еден значаен чекор кон поврзувањето на домашниот пазар со европскиот систем.
Поточно, на 20 мај годинава, во Атина, на Генералното собрание на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), МЕМО стана полноправна членка на Асоцијацијата. Со тоа, заедно со активностите што ги преземаат Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Секретаријатот на Енергетската заедница за взаемно признавање на Гаранциите за потекло на електрична енергија (Guarantees of Origin – GOs) меѓу земјите на Европската Унија и земјите од Енергетската заедница, Македонија е чекор поблиску до приклучување кон европскиот систем за издавање, пренос и признавање на Гаранции за потекло.
Гаранциите за потекло претставуваат единствен и меѓународно признат доказ за потеклото на електричната енергија произведена од обновливи извори, а нивната улога станува сè позначајна во услови на забрзана декарбонизација и растечки потреби за докажување на потрошувачката на зелена енергија.
Следниот логичен чекор е создавање транспарентен пазарен механизам за нивно вреднување.
Аукциите треба да го овозможат токму тоа – цената на Гаранциите за потекло да се формира преку реална понуда и побарувачка. Наместо нивната вредност да зависи од ограничени или билатерални договори, пазарниот механизам ќе овозможи сите учесници да добијат појасна слика за реалната вредност на зелената компонента на произведената електрична енергија.
Ова е особено важно за производителите од обновливи извори. Гаранцијата за потекло потврдува дека одредена количина електрична енергија е произведена од обновлив извор, но со развојот на пазарот таа потврда престанува да биде само административен документ. Таа станува инструмент преку кој производителите можат дополнително да ја валоризираат зелената вредност на своето производство.
Истовремено, аукциите создаваат појасен и поконкурентен начин за снабдувачите и компаниите да обезбедат Гаранции за потекло. Ова е особено значајно за компаниите кои работат на европскиот пазар и се соочуваат со сè поголеми барања поврзани со декарбонизацијата, одржливото работење и намалувањето на јаглеродниот отпечаток.
Растот на интересот за овој сегмент веќе е видлив. Од април 2025 година до денес се издадени повеќе од 850.000 Гаранции за потекло. Овој податок покажува дека пазарот постепено се развива и дека постои реална потреба од негово понатамошно структурирање и продлабочување.
Затоа, воведувањето на аукциите не треба да се гледа само како воведување на нов инструмент за тргување. Тоа е дел од пошироката амбиција – да изградиме модерен и функционален пазар на зелена енергија, во кој транспарентноста, конкуренцијата и пазарните сигнали ќе имаат централна улога.
Со понатамошното вклучување во мрежата на AIB, со напорите за признавање на македонските Гаранции за потекло во Европската Унија и со развојот на аукцискиот механизам, создаваме услови домашниот пазар да стане подинамичен и поликвиден.
На крајот, целта е едноставна, но суштински важна: Гаранцијата за потекло да не биде само потврда за потеклото на електричната енергија, туку да стане вистински пазарен производ.
Кога зелената енергија ќе добие јасна и транспарентно формирана пазарна вредност, тогаш создаваме уште еден важен поттик за инвестиции во обновливи извори и за праведна зелена транзиција.
MEMO ИНФО
МЕМО ја финализира имплементацијата на системот за аукциско тргување со Гаранции за потекло на електрична енергија
Националниот оператор на пазар на електрична енергија - МЕМО ДООЕЛ Скопје, ја финализира...
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, септември 2026
Во септември 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
Ѓорѓиевски, директор на МЕМО: Повеќе струја од сонце и ветер може да донесе и цени под нулата
Кога цената оди под нула, пазарот сигнализира дека во тој момент има вишок електрична енергија и...
Податоци за истргувана електрична енергија на Mакедонската берза –СЕПТЕМВРИ 2027
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, Септември 2026
Во септември 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
