+389 2 3281 020 info@memo.mk

МЕМО ја финализира имплементацијата на системот за аукциско тргување со Гаранции за потекло на електрична енергија

19.10.2026 | Новости

Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, ја финализира имплементацијата на системот за аукциско тргување со Гаранции за потекло на електрична енергија, по едномесечен процес на подготовка.

Со воведувањето на аукциското тргување, МЕМО ги реализира предвидените чекори од Реформската агенда поврзани со воспоставувањето систем за тргување со Гаранции за потекло, како дел од процесот на усогласување со европските практики и развојот на пазарот на зелена енергија во земјата.

Аукциското тргување претставува логичен следен чекор во развојот на овој пазар, чија главна цел е да обезбеди поголема транспарентност и пазарно формирање на вредноста на Гаранциите за потекло. Наместо цената да се определува преку ограничени или билатерални договори, аукцискиот механизам ќе овозможи понудата и побарувачката директно да влијаат врз формирањето на цената.

Овој модел отвора нови можности за производителите на електрична енергија од обновливи извори, овозможувајќи им дополнително да ја валоризираат зелената компонента на произведената електрична енергија. Гаранцијата за потекло потврдува дека одредена количина електрична енергија е произведена од обновлив извор, а со развојот на пазарот таа добива и сè позначајна економска вредност.

Истовремено, аукциите ќе им овозможат на снабдувачите и компаниите појасен, потранспарентен и поконкурентен начин за набавка на овие сертификати. Тоа е особено важно за компаниите што работат на европските пазари и се соочуваат со сè поголеми барања за декарбонизација, одржливо работење и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Воведувањето на аукциското тргување не е само нов инструмент за тргување, туку и значаен чекор кон создавање модерен и функционален пазар на зелена енергија во Македонија. Растечкиот интерес за овој сегмент го потврдува и податокот дека од април 2025 година до денес се издадени повеќе од 850.000 Гаранции за потекло.

Со воспоставувањето на аукциското тргување, МЕМО создава услови за понатамошен развој на пазарот, поголема транспарентност во тргувањето и поефикасно поврзување на производителите на зелена енергија со компаниите што сакаат да го потврдат потеклото на електричната енергија што ја користат.

НОВОСТИ

Pin It on Pinterest

Share This