Врз основа на Законот за енергетика член 116 став (3) точка 2 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101 од...

ЕДНОСТАВЕН ВОДИЧ ЗА ИНДЕКСИТЕ НА ПАЗАРОТ „ДЕН ОДНАПРЕД“ НА МЕМО
Пишува: Митко Огненоски, Менаџер на организиран пазар на енергија Национален пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје
Во современиот енергетски систем, електричната енергија повеќе не се набљудува единствено како производ што се создава и троши во истиот момент.
Таа сè повеќе претставува пазарна стока со која се тргува на организирани пазари преку јасно дефинирани и транспаренти процедури. Во Македонија, оваа улога ја има пазарот ден однапред, управуван од Националниот оператор на пазарот на електрична енергија — МЕМО.
Пазарот ден однапред претставува еден од клучните сегменти на современиот електроенергетски пазар. На овој пазар, електричната енергија за секој час од следниот ден се купува и продава преку организиран стандардизиран аукциски процес. Учесниците на пазарот доставуваат понуди за купување и продажба, а врз основа на тие понуди се утврдуваат часовните пазарни цени и тргуваните количини.
Овој процес не е само техничка постапка на пресметка. Тој претставува организиран механизам преку кој се среќаваат понудата и побарувачката на електрична енергија. Со примена на алгоритамот EUPHEMIA, се обезбедува транспарентно, недискриминаторен и економски ефикасно формирање на цените за секој час од наредниот ден. Резултатите од овој процес имаат пошироко значење од самата дневна трговија. Тие претставуваат важен извор на информации за состојбата на пазарот, за односот меѓу понудата и побарувачката и обезбедуваат сигнал за идни инвестиции во секторот и пошироко. Затоа, податоците што произлегуваат од пазарот ден однапред се основа за бројни анализи, споредби и пазарни индикатори што ја обликуваат иднината на една држава.
Особено значајно е тоа што резултатите од пазарот ден однапред на МЕМО се јавно достапни и истите се објавени на официјалната веб страна, со што се овозможува пристап не само од учесниците на пазарот, туку и на институциите, аналитичарите, инвеститорите како и од пошироката јавност.
Јавната достапност на податоците е суштински елемент на транспарентен пазар. Таа ја зајакнува довербата, овозможува независна анализа и придонесува кон поголема информираност во енергетскиот сектор. Во основата на секоја анализа на пазарот ден однапред се наоѓаат часовната пазарна цена. Ова е цената по која се тргува електричната енергија за секој поединечен час од следниот ден. Покрај цената, исклучително важен показател се и тргуваните количини. Тој ја преставува количината на електрична енергија што е истргувана за секој час. Цената и количината заедно ја сочинуваат основата врз која се градат понатамошните пазарни индекс. За да се добие појасна слика за дневното движење на цените, часовните податоци најчесто се сумираат во дневни индекси. Еден од најважните и најчесто користени индекси е базниот индекс, односно Baseload (01-24) индексот.
Тој ја претставува просечната цена на електричната енергија за сите 24 часа во денот. Овој Индекс е значаен затоа што го прикажува трошокот на електричната енергија доколку таа се испорачува континуирано во текот на целиот ден. Поради тоа, базниот индекс често се користи како основен за споредби меѓу различни денови, месеци или пазари. Покрај базниот индекс, важна улога има и врвниот индекс, односно Peakload (09-20) индексот. Тој се однесува на часовите во кои побарувачката за електрична енергија е најизразена. Тоа се дневните часови, кога економската активност, индустриската потрошувачка и комерцијалните активности се најинтензивни. Врвниот индекс овозможува подобро разбирање на пазарното однесување во периоди на зголемено оптоварување и е особено значаен за анализа кои ги опфаќаат индустријата и бизнис заедницата. Спротивно на овој индекс е надвор од врвниот индекс , Off-peak (01-08 & 2124) кој ги опфаќа часовите надвор од периодите на најголема потрошувачка.
Станува збор за ноќните и раните утрински часови кога побарувачката е пониска. Овој индекс е важен затоа што овозможува увид во ценовните однесување на пазарот во периоди на помало оптоварување. Вистинската вредност на овие индекси не се состои само во нивната математичка пресметка, туку во нивната практична примена и аналитичка важност. Пазарните индекси претставуваат основа за различни пресметки и анализи поврзани со движењето на цените на електричната енергија. Преку нив може да се пресметуваат просечни дневни, месечни и годишни цени, да се споредуваат различни временски периоди и да се следи како се менува цената во часовите на континуирана, врвна и намалена потрошувачка.
Тие се користат и за процена на трошоците за набавка или продажба на електрична енергија, за планирање на идни количини, за подготовка на буџети, како и за анализа на пазарните и сезонските трендови. Дополнително, индексите можат да послужат како основа за споредба со други регионални и европски пазари, за проценка на пазарниот ризик и за носење поинформирани деловни, инвестициски и регулаторни одлуки. На тој начин, тие не се само статистички показатели, туку практична алатка за разбирање, планирање и управување со пазарното однесување. За учесниците на пазарот, индексите се значајна поддршка при тргување, планирање и управување со ризици. За институциите и регулаторните тела, тие претставуваат основа за следење на пазарната ефикасност, стабилност и транспарентност.
За академската и стручната јавност, тие се важен извор за анализа, истражување и развој на нови модели за следење на енергетските движења. За инвеститорите и бизнис-заедницата, пазарните индекси обезбедуваат корисни информации за ценовните трендови, пазарните ризици и можностите за планирање идни инвестиции, особено во областа на производството, снабдувањето, складирањето и флексибилноста на електричната енергија.
За граѓаните, пак, тие овозможуваат појасно разбирање на тоа како и зошто се менуваат цените на електричната енергија. Во услови на брза енергетска трансформација, зголемено производство од обновливи извори, дигитализација и сè поголема регионална поврзаност, потребата од јасни и доверливи пазарни индикатори станува уште поважна.
Индексите изведени од пазарот ден однапред на МЕМО не треба да се гледаат само како технички пресметки. Тие се важни аналитички инструменти преку кои може да се разбере функционирањето на пазарот на електрична енергија, неговата стабилност, неговата ефикасност и неговата идна насока на развој. На тој начин, пазарните индекси претставуваат мост меѓу сложената техничка реалност на електроенергетскиот систем и потребата јавноста, институциите и учесниците на пазарот да добијат јасна, проверливи и корисна информација.
Токму затоа нивното следење, правилно толкување и јавно објавување се од суштинско значење за развојот на современ, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија.
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, ЈУНИ 2026
Во јуни 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија...
ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, Јуни 2026
Во јуни 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија...
ИНТЕРВЈУ за Енергетика 24 на Зоран Ѓорѓиевски: Создадовме модерен пазар на електрична енергија, подготвен за европска интеграција
Во период кога европскиот енергетски сектор поминува низ длабоки трансформации, МЕМО ДООЕЛ...
Податоци за истргувана електрична енергија на Mакедонската берза – јуни 2026
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
Реализација на целите на МЕМО во првите 6 месеци од годината
Во првата половина од годината, МЕМО ДООЕЛ Скопје продолжи со континуиран развој и модернизација...
