+389 2 3281 020 info@memo.mk

Негативните цени на електричната енергија како двигател за адаптација, иновации и нови можности

12.11.2026 | Новости

Пишува: Никола Максимовски , специјалист за енергетски пазари
Национален оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје

Вовед

Може ли електричната енергија да има негативна цена? Иако на прв поглед звучи невообичаено, оваа појава станува сè почеста реалност на европските пазари на електрична енергија. Во одредени часови, кога понудата на електрична енергија е висока во однос на побарувачката, дел од производителите се подготвени да ја продадат својата енергија и по цена пониска од нула.

Зголеменото производство од обновливи извори на енергија, особено од фотоволтаичните и ветерните електрани, создава нови услови за формирање на пазарните цени. Негативните цени претставуваат нова пазарна реалност која отвора можности за поефикасно искористување на произведената електрична енергија, развој на флексибилноста и понатамошна интеграција со европските пазари.

Причини за појава на негативни цени

Негативните цени се појавуваат кога понудата на електрична енергија на пазарот е повисока во однос на побарувачката, а можностите за намалување на производството, зголемување на потрошувачката, складирање или извоз на електричната енергијата се ограничени. Ова најчесто се случува:

  • за време на сончевите денови во пролет и лето каде што се забележува зголемено производство од ОИЕ.
  • За време на викендите и празниците кога се забележува намалена потрошувачка од индустријата;
  • во периоди со силно производство од ветерни електрани;
  • кога преносните капацитети се ограничени;
  • кога производните капацитети немаат доволна флексибилност за брзо намалување на производството.

Во одредени часови, кога понудата на електрична енергија е повисока во однос на побарувачката, дел од производителите се подготвени да ја продадат својата енергија и по цена пониска од нула.

За македонскиот пазар, континуираниот раст на бројот на фотоволтаични електрани претставува дополнителен фактор што влијае врз формирањето на цените на електричната енергија. Поради ниските оперативни трошоци, овие производни капацитети нудат електрична енергија по конкурентни цени, особено во часовите со високо сончево производство. Како резултат на тоа, се зголемува притисокот врз пазарните цени и се интензивираат промените во динамиката на понудата и побарувачката на македонската берза за електрична енергија.

Зголемени можности на пазарот

Можноста за доставување налози по негативни цени им овозможува на учесниците да тргуваат во поширок ценовен опсег и поефикасно да ги приспособуваат своите активности на моменталните пазарни услови.

За производителите од обновливи извори на енергија, поширокиот ценовен опсег создава дополнителни можности за пласман на произведената електрична енергија, дури и во периоди на високо производство и намалена побарувачка, кога пазарните цени можат да достигнат негативни вредности. Од друга страна, ниските и негативните цени создаваат нови можности за потрошувачите, особено за индустриските компании кои можат да го приспособат своето работење и да ја зголемат потрошувачката во часовите кога електричната енергија е најевтина.

Истовремено, се отвора простор за развој на системи за складирање на електрична енергија, кои можат да ја преземаат енергијата во периоди на ниски цени и да ја испорачуваат на пазарот кога побарувачката и цените се повисоки. На овој начин, негативните цени создаваат економски поттик за развој на флексибилноста и поефикасно искористување на произведената електрична енергија.

Влијание врз учесниците на пазарот

Негативните цени имаат различно влијание врз учесниците на пазарот. За производителите тие претставуваат предизвик во управувањето со приходите и планирањето на идните инвестиции, особено за електраните чие производство зависи од временските услови. Истовремено, ваквите ценовни движења создаваат поттик за вложување во системи за складирање, подобро прогнозирање на производството и развој на хибридни електрани.

За снабдувачите и трговците, ниските и негативните цени отвораат можности за поевтина набавка на електрична енергија и развој на нови производи за нивните потрошувачи, но истовремено бараат посоодветни стратегии за управување со ценовните ризици.

Потрошувачите, особено индустриските компании со флексибилни производствени процеси, добиваат можност да ја приспособат својата потрошувачка на пазарните услови и да ги намалат трошоците за електрична енергија. На овој начин, активното учество на потрошувачите станува значаен фактор за поефикасно функционирање на пазарот.

Улогата на МЕМО во услови на негативни цени

Основната улога на организираниот пазар на електрична енергија е да обезбеди транспарентно формирање на цените врз основа на понудата и побарувачката. Во таа насока, негативните цени претставуваат пазарен сигнал кој ги одразува условите во периодите на високо производство и намалена побарувачка.

За МЕМО, како оператор на организираниот пазар на електрична енергија, ваквите пазарни услови отвораат можности за поголема активност на учесниците и развој на нови модели на тргување, особено на пазарот во тековниот ден.

Преку обезбедување транспарентни и ефикасни пазарни механизми, МЕМО има значајна улога во создавањето услови за поефикасно искористување на обновливите извори на енергија и развој на пофлексибилен електроенергетски систем.

Предизвици и можности

Со зголемувањето на учеството на обновливите извори на енергија, македонскиот електроенергетски сектор се соочува со потребата од понатамошен развој на пазарните механизми и поголема флексибилност на производството и потрошувачката. Во вакви услови, особено значење добиваат инвестициите во системи за складирање на електрична енергија, подобрувањето на прогнозите за производство и потрошувачка и поголемото учество на пазарот во тековниот ден, кој им овозможува на учесниците да ги приспособуваат своите трговски позиции поблиску до времето на физичката испорака.

Заклучок

Негативните цени на електричната енергија претставуваат нова реалност на современите пазари, која произлегува од промените во начинот на производство и потрошувачка на електрична енергија. Иако создаваат одредени финансиски предизвици за производителите, тие истовремено отвораат нови можности за потрошувачите, развој на системите за складирање и поефикасно користење на обновливите извори на енергија.

За МЕМО, негативните цени претставуваат нова фаза во развојот на организираниот пазар, поголема активност на учесниците и поефикасно усогласување на понудата и побарувачката.

Иднината на електроенергетскиот сектор не е само во производството на повеќе зелена енергија, туку и во создавањето флексибилен систем кој ќе овозможи таа енергија ефикасно да се прифати, складира и искористи во моментите кога е најпотребна.

МЕМО ИНФО

НОВОСТИ

Pin It on Pinterest

Share This