+389 2 3281 020 info@memo.mk

БСП и МЕМО: УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

06.04.2026 | Новости

Интервју со Анже Предовник, извршен директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС БСП и МЕМО

Партнерството меѓу БСП и МЕМО претставува значаен и стратешки важен чекор за пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија на патот кон интегрираниот европски пазар на електрична енергија. Со потпишувањето на договорот за воспоставување на пазарот на електрична енергија во тековниот ден, а со имплементација на проектот што е планирано да заврши во вториот квартал од 2026 година, Северна Македонија ќе достигне клучна пресвртница во зајакнувањето на својата пазарна инфраструктура и регионалната интеграција. Овој успех е одраз на силната заедничка посветеност, изградена врз експертиза, доверба и одлично партнерство. Горди сме што БСП и нашиот посветен тим придонесуваат кон овој значаен развој за македонскиот пазар на електрична енергија, вели Анже Предовник, извршен директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС, во интервју за МЕМО Инфо.

Кои се клучните придобивки од воведувањето на пазарот за тргување во тековниот ден?

Воведувањето на пазарот за тргување во тековниот ден ќе донесе значајни придобивки за учесниците на пазарот во Северна Македонија. Ќе овозможи подобри можности за балансирање и ќе обезбеди дополнителни опции за тргување, со што учесниците ќе можат да ги прилагодуваат своите позиции поблиску до реалното време.

Континуираното тргување во тековниот ден сè повеќе се препознава како стратешки важен пазарен сегмент што брзо расте. Со зголемувањето на уделот на обновливите извори на енергија, флексибилноста и континуираната оптимизација на портфолиото стануваат неопходни.

Во која фаза се наоѓа проектот во моментов и кои се следните чекори?

Проектот во моментов се наоѓа во фаза на дизајн. Во наредните недели ќе биде организирана посебна работилница со македонските учесници на пазарот. Ова ќе претставува важна пресвртница со цел да се обезбеди целосна усогласеност на сите чинители со пазарниот модел, разбирање на оперативната рамка и техничка подготвеност за официјалното започнување со работа, планирано за мај.

Кои се главните предизвици при воведување на тргување во тековниот ден?

Воведувањето на тргување во тековниот ден на нов пазар носи специфични предизвици. За разлика од пазарот ден-однапред, каде што трговската активност е концентрирана околу времето на затворање на портата, тргувањето во тековниот ден функционира континуирано, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Тоа значи дека за истиот производ може да се склучат повеќе зделки по различни цени, што ги обврзува учесниците на пазарот да ги приспособат своите трговски стратегии, интерни процеси и оперативна организација.

Каква улога има овој пазар во регионалната и европската интеграција?

Воспоставувањето на пазарот во тековниот ден игра клучна улога во интеграцијата на македонскиот пазар на електрична енергија со регионалните и европските пазари. Ја зајакнува транспарентноста на пазарот, ја зголемува флексибилноста и ја доближува Северна Македонија до европските пазарни стандарди и практики.

Врз основа на успешната имплементација на сегментот на пазарот ден-однапред – што се одрази преку силниот раст на бројот на учесници и обемот на тргувана енергија – уверени сме дека воведувањето на сегментот тргување во тековниот ден ќе обезбеди дополнителен раст на ликвидноста и трговската активност.

Каква е вашата порака за идниот развој на пазарот?

Заедно со МЕМО, горди сме што ја поддржуваме оваа стратешки важна трансформација – проект кој не само што го модернизира националниот пазар на електрична енергија, туку и ја доближува Северна Македонија до целосно учество во интегрираниот европски пазар на електрична енергија.

MEMO ИНФО

НОВОСТИ

Pin It on Pinterest

Share This