Врз основа на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101 од 21.05.2025 година), член 28...

Компаративна анализа на пазарот ден-однапред: пред и за време на раните фази на CBAM во Република Северна Македонија
Пишува: Стојана Меган Милошевска, специјалист за енергетски пазари
Национален оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје
1. ВОВЕД
Енергетската транзиција во Европа, поттикната од Европскиот зелен договор и целта за постигнување климатска неутралност до 2050 година, доведе до воведување на нови регулаторни механизми со цел намалување на емисиите на стакленички гасови и зајакнување на конкурентноста на нискојаглеродната економија[1]. Во таа насока, Европската Унија го воведе Механизмот за прилагодување на јаглеродната граница, чија основна цел е спречување на јаглеродното истекување преку воспоставување еднакви јаглеродни трошоци за домашните производители и увозниците на производи од трети земји.
Иако во почетна фаза на CBAM, неговото директно влијание врз електроенергетскиот сектор се забележува преку промените во производните трошоци, конкурентноста и прекуграничната трговија со електрична енергија. Во вакви услови, организираниот пазар на електрична енергија, особено сегментот пазар ден-однапред, има клучна улога каде што преку формирањето на референтни пазарните цени и обезбедување ефикасна распределба на електричната енергија обезбедува индикатори за понатамошен развој на економијата.
Цените формирани на пазарот ден-однапред претставуваат референтен индикатор за учесниците на пазарот, бидејќи ги одразуваат очекувањата за односот помеѓу понудата и побарувачката, достапноста на производните капацитети, цените на енергентите и прекуграничните текови на електрична енергија. Дополнително, тие претставуваат основа за функционирањето на останатите сегменти на пазарот на електрична енергија, но и за донесување трговски и инвестициски одлуки.
2. АНАЛИЗА НА ПАЗАРНИТЕ ИНДИКАТОРИ НА ПАЗАРОТ ДЕН-ОДНАПРЕД
За да се добие сеопфатна слика за состојбата на пазарот на електрична енергија, анализата се заснова на повеќе пазарни индикатори кои ги опфаќаат главните карактеристики и промени во однесувањето на пазарот. Бидејќи на пазарот на електрична енергија влијаат повеќе фактори, како што се побарувачката, понудата, производството од обновливи извори, ликвидноста на пазарот и условите на другите соседни системи, само еден индикатор не е доволен за целосна оценка на неговото функционирање. Поради тоа, во анализата се користат индикатори кои опфаќаат различни аспекти на пазарот, како што се нивото и променливоста на цените, ликвидноста на пазарот, разликите меѓу цените во врвните и останатите часови (peak и off-peak hours), како и влијанието на производството од обновливи извори на енергија.
Заедничкото разгледување на овие индикатори овозможува подобро разбирање на условите на пазарот и идентификување на периоди со зголемена ценовна неизвесност, промени во ликвидноста, невообичаени движења на цените и разлики во однесувањето на пазарот во различни периоди. На овој начин, анализата на избраните индикатори се користи за оценување на развојот и стабилноста на пазарот на електрична енергија, како и за идентификување на главните фактори кои можат да влијаат врз неговите перформанси конкретно за анализираниот период.
- Индекс на ценовна волатилност
За потребите на анализата, вредностите на ценовната волатилност се добиени според следната формула и истите го претставуваат степенот на отстапување на часовните цени на електрична енергија од нивната просечна вредност во анализираниот период:
(1)
Price Volatility – ценовна волатилност за набљудуваниот период;
Price – цена за набљудуваниот период;
Average Price – просечна цена на набљудуваниот период;
Number of Hours – број на часови.
Соодветно со добиениот резултат може да се постигнат цени со висока волатилност, нормална волатилност и ниска волатилност. Повисоките вредности на ценовната волатилност укажуваат на зголемени ценовни флуктуации и потенцијални краткорочни дебаланси помеѓу понудата и побарувачката на електрична енергија. Спротивно на тоа, пониските вредности на волатилност се поврзуваат со повисока стабилност, порамномерно движење на цените и поефикасно усогласување на пазарните учесници.
Во европската практика, зголемената застапеност на периоди со висока волатилност најчесто се поврзува со поголемо учество на варијабилни обновливи извори на енергија, ограничувања во прекуграничните преносни капацитети и краткорочни пазарни дебаланси. Оттука, анализата на ценовната волатилност претставува важен индикатор за оценување на пазарната стабилност, ликвидноста и способноста на пазарот да одговори на надворешни шокови и промени во пазарните услови.
Според добиените резултати на ценовната волатилност за периодот 2024-2026 година се покажува дека категоријата висока волатилност е застапена во сите три години, со удел од 63,70% во 2024 година, 66,46% во 2025 година и 59,70% во 2026 година. Ваквата застапеност укажува дека цените на пазарот честопати биле под влијание на фактори кои предизвикуваат изразени пазарни флуктуации. Високата волатилност е одлика на млад пазар кој е во фаза на развој, па може да се забележи дека волатилноста за 2026 година во однос на 2024 е значитално намалена, а со тоа и самата дисторзија на цените е намалена.
Табела 1. Просечна ценовна волатилност
| Ниво на волатилност | Просечна ценовна волатилност | ||
| 2024 | 2025 | 2026 | |
| Висока волатилност | 63.7% | 66.46% | 59.70% |
| Нормална волатилност | 23.12% | 33.54% | 25.89% |
| Ниска волатилност | 13.18% | Х | 14.42% |
- Индекс на релативна пазарна ликвидност
Високата ликвидност се смета за показател за зрел пазар, а ликвидноста на MEMO не зависи исклучиво од домашната трговија, туку и на движењата на соседните пазари како HUPX, SEEPEX и IBEX. Регионална интеграција и прекуграничната трговија овозможуваат поефикасно усогласување на цените и зголемување на обемот на трансакции, што позитивно влијае врз пазарната ликвидност.
За потребите на ова истражување е развиен сопствен индекс на релативна пазарна ликвидност кој како главен параметар ја употребува базната истргувана количина (MWh). Овој индекс ја одразува способноста на пазарот да апсорбира куповни и продажни налози без да предизвика значајни ценовни отстапувања. На дневно ниво се користи вкупниот дневен истргуван волумен, додека на месечно и годишно ниво се пресметува просечниот дневен волумен за соодветниот период. Индексот на релативна пазарна ликвидност е дефиниран според следната формула:

(2)
Relative Market Liquidity Index – индекс на релативна пазарна ликвидност;
Current Volume Base – базна количина на истргуван волумен;
Benchmark Volume – референтен (базен) волумен на тргување со кој се споредува тековниот волумен и служи како базна вредност за споредба на тековната ликвидност на пазарот.
Табела 2. Индекс на релативна пазарна ликвидност
| Индекс на релативна пазарна ликвидност | ||
| 2024 | 2025 | 2026 |
| 1 | 1.42 | 1.81 |
Резултатите покажуваат дека релативна пазарна ликвидност во анализираниот период се зголемила од 1,00 во 2024 година на 1,81 во 2026 година споредбено со 2024, што претставува раст од 81%. Овој тренд укажува на значително подобрување на ликвидноста и зголемена пазарна активност, при што истргуваните количини во 2026 година значително го надминуваат референтниот базен волумен забележан во 2024 година. Воедно бројот на денови класифицирани како периоди со висока ликвидност е зголемен од 76 дена во 2024 година на 92 дена во 2026 година. Бројот на денови со ниска ликвидност е намален од 105 дена во 2024 година на 57 дена во 2026 година, што претставува намалување од 45.71%. Овие резултати се доказ за поголема пазарна активност.
Ваквиот тренд е очекуван со оглед на постепениот раст на истргуваните количини и континуираниот развој на организираниот пазар на електрична енергија, што придонесува за зголемување на ликвидноста и намалување на периодите со ограничена пазарна активност. Но, исто така е одраз на фактот што учесниците на пазарот на електрична енергија ја гледаат можноста да ја затворат енергијата во рамки на државата поради тоа што се уште се во неизвесност со новововедениот механизам CBAM.
- Индекс на влијание на ОИЕ
Како трет пазарен индикатор е анализиран индексот на влијание на ОИЕ. Индексот на влијание на обновливите извори на енергија (Renewable Impact Index) претставува индикатор кој го апроксимира влијанието на производството од ОИЕ врз цените на пазарот ден-однапред. Индексот се пресметува како разлика помеѓу просечната цена за анализираниот период и просечната цена во часовите со најголемо очекувано производство од обновливи извори (11:00-16:00 часот):

(3)
Renewable Impact Index – индекс на влијание на ОИЕ;
Period Average Price – просечна цена на електрична енергија за набљудуваниот период;
Daytime Average Price – просечна цена во дневни часови 11-16.

Сл. 1. Просечен индекс на влијание на ОИЕ
Според добиените резултати од Сл. 1, во периодот од 2024 до 2026 година се забележува тренд на зголемување на индексот на влијание на ОИЕ, што укажува на засилено влијание на обновливите извори врз пазарната динамика. Особено изразени се вредностите во 2025 кога просечниот индекс на влијание на ОИЕ бил 45.25, а за 2026 година е 50.61. Индексот достигнува значително повисоки нивоа во споредба со 2024 година со просечен индекс од 25.75. Ова покажува дека дневните цени во часовите со највисоко производство од сончевите електрани се сè пониски во однос на просечната цена за периодот, што е карактеристично за пазари со зголемена интеграција на обновливи извори на енергија.
Дополнително базната истргувана количина, просечната цена како и просечната цена на врвните часови и просечната цена надвор од врвните часови за набљудуваниот период е прикажана на Табела 4:
Табела 3. Компарација на резултати
| 2024 | 2025 | 2026 | |
| Базна истргувана количина | 2527.64 MWh | 3628.65 MWh | 4409.06 MWh |
| Просечна цена | 85.14 €/MWh | 109.36 €/MWh | 95.12 €/MWh |
| Просечна цена во peak часови | 79.19 €/MWh | 97.20 €/MWh | 75.75 €/MWh |
| Просечна цена во off-peak часови | 91.08 €/MWh | 121.52 €/MWh | 114.48 €/MWh |
Преку анализата може да се согледа дека просечната цена во текот на летните денови е значително намалена од 67.85 €/MWh во 2026 година во споредба со просечната цена од 101.42 €/MWh за истиот период во 2024 година. Добиените резултати се показател на позитивен развој на пазарот, карактеризиран со значителен раст на обемот на тргување, подобрена ликвидност и поизразено влијание на обновливите извори на енергија врз формирањето на пазарните цени.
Истовремено, растот на истргуваните количини може да се поврзе и со промените во регионалното пазарно опкружување во периодот на примена на механизмот CBAM, при што голем дел од пазарните учесници имаат интерес што поголем дел од расположливата електрична енергија да ја пласираат на домашниот организиран пазар за електрична енергија. Ваквите околности придонесуваат за зголемување на понудата, раст на обемот на тргување и подобрување на ликвидноста на МЕМО. Оттука, може да се заклучи дека во услови на енергетска транзиција и постепена имплементација на CBAM, организираниот пазар сè повеќе се наметнува како клучен механизам за пласирање на електричната енергија и формирање на транспарентни и конкурентни пазарни цени.
3. ЗАКЛУЧОК
Иако CBAM е замислен како механизам за поттикнување на декарбонизацијата и заштита на конкурентноста на европската индустрија, неговите ефекти веќе почнуваат да се чувствуваат на пазарите на електрична енергија. Дополнителните трошоци на границите придонесуваат за поголеми ценовни разлики меѓу пазарите и намалување на прекуграничната трговија, при што дел од вишоците на електрична енергија остануваат на домашните пазари наместо да се пласираат регионално. На тој начин механизмот може да доведе до фрагментација наместо до понатамошна интеграција на регионалните пазари.
Во услови на брза енергетска трансформација, зголемено производство одобновливи извори, дигитализација и сè поголема регионална поврзаност, потребата од јасни и доверливи пазарни индикатори станува уште поважна. Индексите изведени од пазарот ден-однапред на МЕМО не треба да се гледаат само како технички пресметки. Тие се важни аналитички инструменти преку кои може да се разбере функционирањето на пазарот на електрична енергија, неговата стабилност, неговата ефикасност и неговата идна насока на развој.
Предизвиците се особено изразени кај земјите со ограничен извозен потенцијал од обновливи извори на енергија. Во месеците, кога производството од сончева енергија достигнува високи нивоа, а потрошувачката се намалува, дел од произведената енергија не може целосно да се искористи, извезе или складира. Поради тоа, понатамошниот развој на прекуграничната инфраструктура, регионалната трговија и механизмите за пазарно спојување остануваат клучни за зголемување на ликвидноста, подобра интеграција на обновливите извори, зајакнување на енергетската сигурност и намалување на долгорочните ризици поврзани со јаглеродните регулативи.
Ѓорѓиевски, директор на МЕМО: Повеќе струја од сонце и ветер може да донесе и цени под нулата
Кога цената оди под нула, пазарот сигнализира дека во тој момент има вишок електрична енергија и...
Податоци за истргувана електрична енергија на Mакедонската берза –СЕПТЕМВРИ 2027
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, Септември 2026
Во септември 2026 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
МЕМО на 4-тата годишна конференција на All NEMO Committee во Брисел
29 септември 2026, Брисел -Во организација на Комитетот на сите номинирани оператори на пазарот на...
МЕМО на настан на АД ЕСМ – “Ревитализација на хидроелектраните – трета фаза“
Претставници на МЕМО присуствуваа на промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ „Ревитализација...
