МЕМО одржа Јавна расправа за правилата на организираниот пазар и Работилница за Пазарот во тековниот ден (Intraday market)

23.03.2026 | Новости

Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје одржа јавна расправа за Правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија, како и работилница посветена на пазарот во тековниот ден (Intraday Market), чиј почеток е планиран за 6-ти Мај годинава.

На настанот учествуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, МЕПСО, ЕВН, ЕСМ, како и компании – снабдувачи, трговци и производители на електрична енергија. Присуството на сите релевантни чинители овозможи конструктивна дискусија и размена на мислења за клучните аспекти од функционирањето на организираниот пазар.

Настанот го отвори директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, кој ја истакна посветеноста на институцијата кон развој на ефикасен, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија, во согласност со европските практики и стандарди.

„Воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е од клучно значење за зголемување на флексибилноста и ефикасноста на тргувањето со електрична енергија, особено во услови на зголемено учество на обновливите извори. Овој пазар им овозможува на учесниците навремено да ги прилагодат своите позиции, што директно придонесува кон намалување на дебалансите и оптимизација на трошоците“, истакна Ѓорѓиевски.

Во своето обраќање тој посочи и дека во јануари годинава е потпишан договор со словенечката енергетска берза BSP Energy Exchange, како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговска платформа и клиринг за пазарите ден-однапред и во тековниот ден.

За Правилата за работа на организираниот пазар говореше Митко Огненоски, раководител на оддел за обновливи извори на енергија и организиран пазар на електрична енергија, истакна дека тие ги уредуваат условите за тргување, клиринг и порамнување, како и оперативните правила, кодексот на однесување и процесот на регистрација на учесници, со цел обезбедување високо ниво на транспарентност, сигурност и ефикасност на пазарот.

Во рамки на работилницата, претставниците на BSP, Матеј Годец и Таи Каштрун, го презентираа софтверското решение кое овозможува тргување во речиси реално време, како и практичните аспекти од функционирањето на пазарот во тековниот ден.

Овие активности се дел од пошироките напори за понатамошен развој и интеграција на македонскиот пазар на електрична енергија во регионалниот и европскиот пазар, во пресрет на официјалното стартување на Intraday пазарот во мај годинава.

НОВОСТИ

Податоци за произведена електрична енергија од повластени производители од обновливи извори, февруари 2024

Во февруари 2024 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, од 174 повластени производители на електрична енергија од обновливи извори во земјава произведени се 28.000.133 KWh При тоа, од 98 мали хидроцентрали, произведени се 15.205.502 KWh, од 79 фотоволтаични електрани произведени се 1.036.098 KWh, од две ветерни електрани произведени […]

Pin It on Pinterest

Share This