Врз основа на член 12 став 1 од Договорот за условите и начинот на учество на пазарот на електрична енергија и член 23...

ФОРМИРАЊЕ НА ЦЕНА НА ОРГАНИЗИРАНИОТ ПАЗАР ВО СЕГМЕНТОТ „ДЕН-ОДНАПРЕД“
Пишува – Митко Огненоски, Раководител на Оддел за обновливи извори на енергија и организиран пазар на електрична енергија
Национален оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје
Електрична енергија – Уникатен производ за трговија Електричната енергија претставува неопходно добро за функционирање на современото општество. Таа не само што обезбедува светлина и топлина, туку претставува и основен елемент за функционирањето и развој на секоја индустриска гранка во нашето општество. Либерализацијата на пазарот со електрична енергија во Македонија се одвива во повеќе чекори и тоа: I. 2008 година –8 квалификувани потрошувачи, 31 трговци, 3 производни компании, 2 дистрибутивни системи II. 2014 година – 230 Квалификувани потрошувачи, 27 трговци, 5 снабдувачи, 1 снабдувач на тарифни потрошувачи. 45% од истргуваните количини на ЕЕ се случиле на отворен пазар. III. 2018 година – Целосна либерализација на пазарот каде што секој потрошувач може да излезе на либерализиран пазар и да го одбере својот снабдувач со ЕЕ.
Тргувањето со електрична енергија може да се случи во повеќе сегменти на пазарот на електрична енергија во функција од време како што е прикажано на слика 1.

Поради комплексната природа на електричната енергија и ограничените можности за нејзино складирање, тргувањето со електрична енергија претставува значаен предизвик за сите вршители на енергетски дејности. За одржување на фреквенцијата во дозволените технички граници, учесниците на пазарот мора да доставуваат прецизни и навремени информации за нивните склучени трансакции на пазарот на електрична енергија. Ова овозможува операторите на електропреносните системи навремено да го планираат начинот на управување на производните единици кои ги користат за балансирање на системот. Тргувањето со електрична енергија блиску до времето на искористување преставува суштински инструмент за постигнување на целосна техничко-економска хармонија во електропреносниот систем и обезбедување на сигурноста во снабдувањето на крајните потрошувачи. Пазарот ден однапред на своите учесници им нуди организирано тргување на електрична енергија еден ден пред да се случи физичката испорака. Учесниците на организираниот пазар се приклучуваат на платформа каде што ги доставуваат своите налози за купување или продавање на електрична енергија кои потоа се запишуваат во една заедничка книга на налози. Овие налози го рефлектираат производството и побарувачката во одредена зона на наддавање за одреден временски период на испорака на електрична енергија. Согласно налозите кои се запишани во книгата на налози, операторот на организираниот пазар ја пресметува клиринг цената и количината на истргувана електрична енергија за даден период на испорака. Бидејќи резултатите од тргувањето се базираат на обработка на голем број на налози кои преставуваат подготвеноста за купување или продавање на електрична енергија од учесниците на организираниот пазар на транспарентен начин се добиваат ценовни сигнали за одредена зона на наддавање во пазарни услови. Затоа постигнатата клиринг цена на пазарот ден однапред за даден час се смета за референтна цена на чинење на електричната енергија во тој час. Со совпаѓање на кривите на производство и побарувачка, Операторот на организираниот пазар обезбедува транспарентен и доверлив начин за формирање на клиринг цената и притоа обезбедува дека истргуваните количини електрична енергија ќе бидат испорачани и истите трансакции ќе бидат финансиски порамнети согласно резултатите од тргувањето.
Тргувањето на пазарот ден однапред е дефинирано во правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија и е доброволно, анонимно и достапно до сите учесници на пазарот на електрична енергија. За разлика од пазарот на билатерални договори каде што учесниците меѓусебно склучуваат договори за трговија, на пазарот ден однапред задолжувањата од тргувањето ги презема централно договорната страна. На овој начин се обезбедува анонимност, сигурноста дека енергијата ќе биде испорачана и ги регулира финансиските обврски кои произлегуваат од склучените трансакции на пазарот ден однапред. Во Македонија сите трансакции склучени на пазарот ден однапред се предмет на клиринг и финансиско порамнување од страна на МЕМО во својство на централно договорна страна. При трговија на организираниот пазар на електрична енергија сите учесници ја продаваат и ја купуваат електричната енергија од МЕМО. Пазарот ден однапред се одвива преку аукција која се организира еднаш дневно, 365 дена во годината. На оваа аукција се тргуваат часовни продукти за сите часови за наредниот ден. Налозите се внесуваат од страна на учесниците на организираниот пазар пред затворањето на книгата на налози кое се случува во 10:35 локално време. Учесниците на организираниот пазар доставуваат налози за секој период на испорака што ја одразува нивната подготвеност да купат/продадат количина на електрична енергија помеѓу минималната или максималната цена дефинирана во зоната на наддавање. За македонскиот пазар минималната цена за доставување на налози е 0,1 Euro/MWh додека максималната цена на пазарот изнесува 1000 Euro/MWh. Врз основа на налозите за купување, МЕМО преку европскиот алгоритам ја утврдува кривата на побарувачка, а врз основа на налозите за продажба ја утврдува кривата на понуда, познати како агрегирани криви – за секој час од наредниот ден. Клиринг цената на пазарот ден однапред (Market Clearing Price), која ја одразува понудата и побарувачката, се определува како пресек на двете агрегирани криви. Како резултат на совпаѓањето на налозите, МЕМО ги утврдува трансакциите кои претставуваат правно обврзувачки договори за купување или продажба на одредена количина електрична енергија во зона на наддавање по постигнатата клиринг цена. За секој период на испорака се определува една клиринг цена која важи за сите купувачи и продавачи. Оваа цена никогаш не е повисока од максималната цена за купување што ја доставил купувачот, ниту пониска од минималната цена за продажба што ја понудил продавачот. Сите купувачи кои внеле количини по цена повисока од клиринг цената се извршени и за тие количини плаќаат по клиринг цената, а сите продавачи кои внеле количини по цена пониска од клиринг цената се извршени и за тие количини им се исплатува по клиринг цена. Вкупниот извршен обем на купување е еднаков на вкупниот извршен обем на продажба за секој период на испорака.
Merit order и маргинални трошоци – Процесот на формирање на цена
Формирањето на цената на пазарот ден однапред се заснова на принципот на маргиналниот трошок, кој ја покажува цената што ја има производителот за производство на дополнителен 1 MWh електрична енергија. Електроцентралите кои се понудени на пазарот се подредени според редоследот на нивниот маргинален трошок на производство – почнувајќи од електроцентралите со најмали маргинални трошоци па се до електроцентралите со највисок маргинални трошоци и се активираат по тој редослед се додека не се задоволи побарувачката. Последната активирана електроцентрала ја определува цената. Сите производители ја добиваат истата клиринг цена – pay as cleared (€/MWh) за истиот производ а тоа е електрична енергија. Најниски маргинални трошоци на производство најчесто имаат обновливите извори на енергија, додека најскапи се електраните на гас и јаглен.
Системот на формирање на цена според маргинален трошок:
– обезбедува побарувачката секогаш да биде задоволена по најниска можна цена- им овозможува на сите производители секогаш да ги покријат своите трошоци, со што се гарантира сигурноста на снабдувањето,
– ги стимулира производителите да го понудат своето производство по цена која не е повисока од нивните вистински оперативни трошоци.
– обезбедува постигнување на една референтна цена за секој час на испорака
Алтернативен пазарен модел кој што се користи на пазарот во тековниот ден е “pay-as-bid”. Тоа значи дека учесниците на организираниот пазар поднесуваат понуди за продавање или купување на електрична енергија во еден организиран pull и штом се спари нивната понуда со понуда од друг учесник на пазарот, тогаш таа трансакција се извршува. Во ваков пазарен модел не пости еден цена за даден час на испорака, па затоа и референтната цена на пазарот би се пресметувала како “Просечна цена” на реализирани трансакции од учесниците.
Примената на овој пазарен модел за “Pay-asbid” на пазарот ден однапред би предизвикала учесниците на пазарот ден однапред да се обидат да ја предвидат клиринг цената и би доставувале понуди над нивните маргинални трошоци се со цел да го максимизираат својот профит. Сето ова би довело промена на приоритет на активирање на производните едници каде што активирањето би било зависно само од учесниците кои најдобро би ја предвиделе клиринг цената на пазарот, наместо од нивната економска и еколошка ефикасност. Затоа овој модел би донел негативни последици на пазарот ден однапред, но не и пониски цени на електричната енергија. Merit order принцип гарантира најниски можни цени за задоволување на побарувачката на пазарот, бидејќи прво се активира производството со најниски трошоци (или со подготвеност да продава по најниска цена). Според merit order принципот, најскапата единица што мора да се активира за да се задоволи побарувачката ја определува цената. Тоа, значи дека најевтините единици, најчесто обновливите извори, се активираат први. Клиринг цена се формира таму каде што понудата на електрична енергија се совпаѓа со побарувачката. На пазарот ден однапред се утврдува единствена цена на пресекот на кривите на понуда и побарувачка- клиринг цена, при што вкупниот обем на истргувана енергија произлегува од оптимизацијата на вкупната општествена благосостојба на пазарот.
Општествената благосостојба на пазарот преставува сума од нето вишокот на потрошувачите и профитот на производителите. Таа ни е индикатор за целокупната добивка која се остварува од тргувањето на пазарот ден однапред. На 10 Мај 2023 година МЕМО успешно ја организираше првата аукција за тргување на електрична енергија на пазарот ден однапред и од тогаш аукциите за тргување се одвиваат секојдневно 365 дена во годината. Пазарот ден однапред работи во изолиран режим, односно испораката на истргуваната електрична енергија е во Македонија. Во 2024 година МЕМО на својот пазар го имплементираше моделот на достава на налози за тргување во Евра што дополнително се олеснија активностите на учесниците. Книгата на налози се затвара во 10:35 часот, додека резултатите се објавуваат во 10:45 часот. Минималниот чекор на количината е 0.1 MW додека минималниот чекор на цената е 0.01Euro/MWh. Согласно постоечката национална регулатива, финансиското порамнување на пазарот ден однапред се случува во македонски денари.
Амбасадата на САД со поддршка за МЕМО во развој на модерен и транспарентен пазар на електрична енергија
Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, предводена од економскиот службеник...
ПОДАТОЦИ ЗА КОЛИЧИНИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, февруари 2025
Во февруари 2025 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
ПОДАТОЦИ ЗА ПРОИЗВЕДЕНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, февруари 2025
Во февруари 2025 година, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична...
Податоци за истргувана електрична енергија на Mакедонската берза –Февруари 2025
Согласно извештајот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје,...
МЕМО започнува со издавање Гаранции за потекло на електрична енергија во април
Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, со поддршка на...
